Ќе се интензивираат преговорите со Софија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи не открива на каков компромис е подготвена Македонија со Бугарија, во кој дел ќе попушти а што ќе побара за возврат. Приближување на ставовите има, но се уште сме далеку од решение и надминување на разликите. На последната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков се разговарало за политичкиот пакет 5+1. Наскоро ќе има уште една средба. Османи е убеден дека во наредниот период како што ќе се зголемуваат изгледите за наоѓање решение, во двете општества ќе се јавуваат провокации од луѓе кои изградиле цели кариери на ова прашање, алудирајќи на последните ставови на копретседавачот на историската комисија Ангел Димитров кој во колумна порача дека Македонија може да биде рускиот тројански коњ доколку биде примена во ЕУ без да се прифатат бугарските ултиматуми за историското минато.
Доколку во јуни не се одржат првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија, не е исклучена можноста Албанија да лобира и да побара одвојување на процесот на интеграција. Ова според Османи ќе ја отежне нашата позиција додека пак Албанија на долгорочен план ќе изгуби многу со таа поделба.
Османи упати повик до опозицијата да биде конструктивна во однос на преговорите .Порача дека за секое решение кое ќе биде постигнато пред да се стави потпис јавноста и пратениците ќе бидат информирани.
Јулијана Пепшевска
