Во одбрана за случајот „Плацеви на водно“ бизнисменот Орце Камчев потврди дека спорните плацеви биле купувани за потребите на екс премиертот Никола Груевски. Потоа тој се откажал од целото земјиште и решил да го продаде, а за возврат побарал соодветни станови. Било договорено, како компензација експремиерот да добие три стана со вкупно 750 квадрати, кои според Камчев, не се под залог или под хипотека и се чуваат за примопредавање, и се како што кажа Камчев „ексклузивни“.
Камчев не ги негираше направените трансакции од Орка Холдингот во врска со купувањето на уделот во Сирах и изјави дека не сакал да ја крие сопственоста на Груевски за договорените три стана.
Објасни и како стигнале до, како што рече нереален, сопственик. Камчев рече дека исто како што било и со фирмата „Сирах Инженеринг„ каде сопственик и управител само на хартија биле Ненад Јосифовиќ и Ристо Новачевски, така и овој имот има нереален сопственик, а тоа е Мето Стојчевски.
По ваквиот исказ кој бизнисменот го даде одговарајќи на прашања на неговите адвокати, обвинителката Лиле Стефанова праша и дали во моментов тој е спремен да му посочите на судот точна локација на становите дадени во замена за земјиштето, а Камчев одговори:
„Да, во зградата Панорама резиденс, три апартмани во квадратура од 750 метри квадрати кои не се под залог или под хипотека, се чуваат за примопредавање“.
