Полицајците ја оставија униформата и опремата и здружено со наставниците излегоа на улица.
Саботното попладне го поминаа пред портите на Владата – за да допрат до оние со кои речиси и да не се сретнале и покрај многуте барања за средба.
Независните синдикати се радикализираат заради паднатиот животен стандард среде криза кога платата на работниците не им стигнува за сè повисоките трошоци.
Барањата на независните синдикати се неколку, но главното е усогласување на платите во секторите образование и полиција со износот на минималната плата, согласно колективните договори.
Синдикална борба се води и за приватниот сектор. Во најава се и повеќе активности и собири на незадоволни работници на истото ова место.
Синдикалните претставници обвинија дека не им било дозволено да постават шатори пред Владата иако навремено доставиле барање за такво нешто.
Денес само се собраа, но за следниот пат порачаа дека ќе ги заобиколат сите процедури и нема да бараат дозвола туку без прашање ќе се стационираат на „Илинденска“ број 2.
Петар Догов
