Вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби на својот Фејсбук профил се пофали дека Владата донела одлука на полициските униформи во иднина покрај на македонски да стои и натпис на албански јазик.
Уште една успешно извршена задача! Албанскиот јазик официјално и во полициските униформи! На денешната седница на Владата ја усвоивме измената на Уредбата за униформите и нивните симболи со која се предвидува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во униформите на полициските служби согласно законот, напиша Груби.
Во извештајот од 28-та седница Владата соопшти дека донела Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата.
Оваа Уредба е донесена врз основа на Законот за употреба на јазиците, каде што според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо.
Од владата додаваат дека оваа Уредба ќе влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.
