Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд објави дека отворил истрага за можни воени злосторства во Украина, по барање на голем број земји-членки на Трибуналот.
Стотици цивили загинаа од почетокот на руската инвазија на Украина, стотици се повредени, а стотици илјади избегаа во егзил.
„Почнува активна истрага на барање на 39 земји-членки на судот“, рече главниот обвинител Карим Кан.
„Веќе во прелиминарното испитување на ситуацијата во Украина, мојата канцеларија најде основано сомневање дека таму се извршени злосторства за кои е надлежен овој суд“, рече тој.
„Обвинителството сега ќе започне со собирање докази за наводите за воени злосторства, злосторства против човештвото или геноцид на кој било дел од украинската територија против кое било лице“, рече Кан.
Украина е членка на Меѓународниот кривичен суд од 2014 година, по руската анексија на Крим, додека Русија не ја признава јурисдикцијата на судот..
