Специјалниот агент на ФБИ, Честер Дезмонд, потпомогнат од Сем Стенли, го истражува убиството на атрактивната млада келнерка Тереза Бенкс во еден провинциски град. Кога агентот Дезмонд исчезнува, специјалниот агент Дејл Купер се обидува да му влезе во трага. Истражувајќи го исчезнувањето на колегата, агентот Купер сфаќа дека дејствуваат мистериозни сили, а ги открива и сопствените парапсихолошки моќи. Убеден е дека оној што ја уби Тереза Бенкс повторно ќе убие и дека жртвата ќе биде млада и атрактивна русокоса девојка, овој пат средношколка. Една година подоцна, во идиличниот град Твин Пикс, русокосата средношколка Лаура Палмер, најпопуларната девојка во училиштето, доживува тешка траума.
Ова е на некој начин продолжение на познатата ТВ серија Твин Пикс од Дејвид Линч и Марк Фрост. Твин Пикс беше прикажан во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал, а ја доби и престижната награда Independent Spirit за најдобра оригинална музика (Анџело Бадаламенти).