Вести Македонија Најважни

Телма открива која лабораторија ги издава лажните корона тестови во казино во Дојран

Два телефонски броја, адреса на лабораторија во Гевгелија и имејл по кој ќе стигнат податоците за корона-тестирањето, ова го има на документите во кои Телма имаше увид.

Врз основа на такви документи беше направена грчката новинарска сторија дека во казино во Дојран се издаваат лажни негативни корона тестови на Грци кои одат да се коцкаат преку границата.

На снимките се гледаше и дури како вработена среде казино на глас извикува имиња на грчки туристи.

Кога свртевме на бројот кој стои на документот се јавија од лабораторија во Гевгелија.

-Ели медика, повелете, ни рече вработената во лабораторијата.

Целото име на лабораторијата е Ели-медика плус, а скратеното име без плус го носат уште две здравствени фирми. На бројот на лабораторијата ни кажаа дека брзите антигенски тестови се готови за нешто повеќе од половина час и чинат илјада денари. Ги испраќаат електронски на имејл од истата адреса, наведена во документот кој го објавува Телма.

Ели-медика е лабораторија која преклани во јуни е фатена како лабораторија која без дозвола врши корона тестирања. Но потоа добива лиценца и како Ели-медика (без плус) е заведена во секојдневните билтени на Министерството за здравство. Во корона билтенот од 4-ти јануари оваа година е заведено дека во Ели-медика се направени 130 тестови.

Еден од пријавените за тој ден би требало да биде тестот на новинарот Христос Николаидис кој го правеше прилогот и тврдеше дека не му бил земен брис, а добил негативен тест во казино во Дојран.

На тестот стои и време дека е правен на 3-ти јануари во 14:33 часот.

За тоа деноноќие, за Дојран е пријавен само еден заболен од корона вирус без да се прецизира колку има вкупно тестирани и колку се странски државјани.

Ели медика има седиште во Струмица, а Ели медика плус е лабораторија во Гевгелија. Кога се слушнавме со доктор Ѓорѓи Јанев кој се јавува во регистарските влошки на две од вкупно 3 Ели медика во централниот регистар, негираше поврзаност со сите фирми со исто име иако во документ од сајтот на јавни набавки тој е заведен како лекар специјалист по трудова медицина, а за ели медика стојат податоци покрај за Струмица и за биохемиска лабораторија во Гевгелија.

Ни рече дека надлежните си вршат истрага. Побара и му пративме прашања по мејл.

Од МВР за тековната истрага не соопштуваат детали. Ни беше потврдено дека веќе една недела во повеќе казина и во Дојран и во Гевгелија се вршат проверки на сомнежите за издавање на лажни негативни корона тестови.

Одземена е документација од два правни субјекти од Дојран и од еден правен субјект од Гевгелија. Во лабораторијата пак е извршен и увид во компјутерската евиденција за странските државјани кои се пријавиле за тестирање. Од МВР не сакаа да потврдат дали Ели- медика е проверуваната лабораторија во нивната истрага.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

ОДИХР со позитивна оценка за изборниот процес сепак имаат забелешки за негативната кампања

Дејан Дејан

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе