Добрососедството со Република Северна Македонија бара огромна посветеност, затоа ја предлагам Теодора Генчовска за министер за надворешни работи. Со овие зборови мандатарот на новата бугарска влада Кирил Петков ја претстави идната шефица на бугарската дипломатија, во обраќањето до пратениците во законодавниот дом.
Во идната коалициона влада на 4 партии, Генчовска доаѓа од редовите на партијата “Има таков народ”.
Мотото на нашата влада ќе биде нулта толеранција за корупцијата, тоа е црвената линија која не смее да се надмине, изјави 41-годишниот Петков, додавајќи дека тој ќе биде само прв меѓу еднаквите а успехот може да биде остварен само тимски.
Претставувајќи ги министрите во својот кабинет, Петков наброи и дел од клучните приоритети на владата.
Треба да се избегне поскапувањето на струјата за домаќинствата од 1-ви јануари, изјави Петков, посочувајќи ги диверзификацијата и ниските цени како клучна стратегија за справување со енергетската криза.
Мораме да се вакцинираме, доколку не сакаме да си ги затвораме децата дома и да не ги полниме болниците, изјави Петков, додавајќи дека сите развиени земји имаат стапка на вакцинација над 70 проценти, додека Бугарија е зад Руанда и Пакистан.
