Во Италија од денеска стапија на сила построги мерки против коронавирусот, со кои невакцинираните лица ќе бидат исклучени од многу јавни активности, па нема да можат да користат јавен превоз без потврди за Ковид.
Од денеска, само оние кои биле вакцинирани или прележалеод Ковид-19 можат да јадат во ресторани, да одат во кино, да излегуваат во клубови и да гледаат фудбалски натпревари на стадионите.
Владата на премиерот Марио Драги донесе нови правила кон крајот на ноември и ќе останат на сила до 15 јануари.
Правилата важат и за користење на јавен превоз и хотелско сместување. На пример, досега, патниците кои патувале со воз на подолга рута морале да покажат дека се вакцинирани, дека прележале Ковид-19 или биле негативни на коронавирус.
Од понеделник ќе се бара зелен сертификат за метро, автобус и меѓуградски воз.
Мерките не се однесуваат на деца до 12 години бидејќи се уште не можат да се вакцинираат. Но, според владините планови, вакцинирањето за оваа категорија на граѓани би можело да започне на 16 декември.
Италијанскиот медицински регулатор веќе ја одобри вакцината Фајзер во помали количини за деца на возраст од пет до 11 години.
Задолжителните вакцини на училишниот персонал, полицајците и војниците ќе почнат на 15 декември. Вакцинацијата на вработените во здравството е задолжителна од месец април.
