Додека повеќе земјите во светот, по откривањето на новиот сој на Корона вирусот, наречен Омикрон, се решија за затворање на границите и запирање на сите летови од Јужна Африка и останатите земји од јужниот дел на континентот, генералниот директор на светската здравствена организација денеска јасно порача дека меѓународната заедница ним им должи благодарност, наместо казни.
“Ако научивме една работа, тоа е дека ниту еден регион, ниту една земја, ниту една заедница и индивидуа не е безбедна, додека сите не сме безбедни. Појавата на високо мутираниот Омикрон сој подвлекува колку опасна и ризична е ситуацијата. На Јужна Африка и Ботцвана им должиме благодарност заради детектирањето, секвенцирањето и информирањето за оваа варијанта а не казни. Уште повеќе, Омикрон демонстрира зошто на светот му е потребен нов договор за пандемиите. Нашиот актуелен систем ги обесхрабрува земјите да ги предупредуваат другите за постоењето на заканите кои неизбежно ќе дојдат и на нивните брегови” –изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом.
Повикот на Адханом за благодарност кон Јужна Африка го поддржа и претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.
“Ова не е првата варијанта и време е светот да покаже дека ја учи лекцијата.Јас сакам и експлицитно да кажам дека лично сум благодарен на лидерството на Претседател Кирил Рамафоса заради тоа. Јужноафриканската аналитичка работа и транспарентност и споделувањето на резултатите е клучно за овозможувањето на брз глобален одговор. Несомнено, тоа спаси многу животи и претставува модел за тоа како меѓународната соработка треба да функционира во светот на меѓународни здравствени закани” – рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен,.
Според здравствените експерти се уште не може да се тврди дали Омикрон сојот е поврзан со поголема и побрза преносливост, дали предизвикува потешка болест, дали го зголемува ризикот за реинфекции или ја зголемува опасноста за избегнување на заштитата на вакцините.
Иако ништо од ова не е познато, листата на земјите од светот кои во паника одлучија да ја изолираат Јужна Африка продолжува да се зголемува.
Соединетите американски држави, повеќе членки на ЕУ, побрзаа да ги прекинат сите авионски летови од Јужна Африка и нејзините соседи.
Заради Омикрон, Австралија, позната по најригорозните карантини воведени поради пандемијата, го запре повторното отворање на своите граници а Јапонија денеска повторно ги воведи ограничувањата на патувањата и го забрани влезот во својата држава на сите странци.
Никола Илиевски
