Вести Македонија Топ вести

Пинг-понг со „Копанки“ на Пелистер- наместо топол чај, зјае изгорен 8 години, а дури сега е вратен на планинарскиот клуб

Повеќе од 8 години „Копанки“ планинарскиот дом на Пелистер не се користи и е руина поради пожарот кој го пеплоса. Не е реновиран и поради сопственичките права врз објектот. На крај  пресече Вишиот Управен суд во Скопје.

Вишиот Управен суд ја уважи жалбата на Здружението планинарски спортски клуб Пелистер Битола со што се укинуваат сите претходни решенија издадени од Општина Битола и Министерството за транспорт и врски како и пресудата на Основниот Управен суд, со што сопственоста на планинарскиот дом „Копанки“ останува на ПСК Пелистер – Битола.

Во 2015 година домот беше легализиран од тогашниот градоначалник на Општина Битола Владимир Талески, а во јули 2019 година доскорешната градоначалничка Наташа Петровска решението за легализација на „Копанки“ го огласи за ништовно и бараше домот да биде во државна сопственост.

Министерството за транспорт најпрво го поништи решението од градоначалничката Петровска, за по неколку месец истото да го уважи.

Второто решение донесено од страна на Министерството за транспорт и врски го потврди и Управниот суд со пресуда донесена во декември 2020 година, но со пресудата на Вишиот Управен суд од октомври оваа година сите претходни решенија беа поништени.

Претседателот на ПСК Пелистер – Битола, Димче Попов во телефонска изјава за Телма вели дека конечно има разврска за како што вели долгогодишната борба со институциите. Тој додаде дека и во идниот период ќе работат на реконструкција и изградба на планинарскиот дом „Копанки“, за истиот во најскоро време да биде ставен во функција на битолчани и сите љубители на планинарењето.

Попов се надева дека ќа имаат соработка со новата локална власт за што веќе иницирал средба со новиот градоначалник Тони Коњановски.

„Копанки“ го зафати пожар и изгоре до темел во 2013 година, а две години подоцна беше легализиран. Во 2018 година советот на општина Битола донесе заклучок за обнова на Планинарскиот дом и обезбедување на 100.000 евра за таа цел, но ПСК Пелистер одбија да го отстапат правото на сопственост.

Изградбата на домот се актуелизираше со секои избори, но досега ниту една власт во изминативе осум години не успеа да го реконструира и планинарското катче да ги отвори вратите и да ги згрее со топол чај, планинарите и туристите покрај жичарницата.

Мартин Николовски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Шампионите не се предаваат: Аргентина со пресврт го урна англискиот бедем за пласман во финалето

Sportska Redakcija

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе