Ескалација на белоруско-полската граница. По нападите со камења од страна на маскирани мигранти, кои се обидуваат да ја пробијат оградата, полската полиција возвратри со солзавец и водени топови. Еден полицаец е тешко повреден, а пристапот за новинарските екипи и организациите за човекови права е забранет.
Со солзавец и водени топови полските погранични сили се обидуваат да ги запрат мигрантите, кои со недели се заглавени на меѓуграничкиот простор со Белорусија и очајно се обидуваат да стигант до ЕУ. Полската полиција јавува дека еден полицаец е тешко повреден и однесен е во болница, по нападот со камења од маскираните мигранти, кои се обидуваат да ја урнат оградата. Белорусија е обвинета дека ги турка мигранти до границата во обид да ја дестабилизира ЕУ, нешто што земјата, на чие чело е автократот Лукашенко, го негира. Европската унија е поддржана од САД да ги засили санкции кон Белорусија, кои ги воведе кога Лукашенко прогласи победа на дискредитираните претседателски избори минатата година, апсејќи ги политички противници и задушувајќи ги масовните протести. Заменик министрерот за надворешни работи на Полска потезите на Лукашенко ги нарече цинична игра, каде што народот се користи како оружје.
- Тој сака да не натера да ги укинеме санкциите донесени од ЕУ и за тоа ги користи мигрантите како пиони во оваа хибридна операција што се спроведува, исто така, на ниво на информации преку каналите за комуникација. Ова е многу цинична игра каде што луѓето, како што реков, се употребуваат како куршуми- Марчин Пжидач, заменик-министер за надворешни работи на Полска.
ЕУ повикува на хуманитарна помош бидејќи 4.000 мигранти, Ирачани, Авганистанци, Сиријци, заглавени се во импровизирани кампови во студеното време во Белорусија, додека Полска ја зајакна својата граница со 15.000 војници. Незивесноста трае предолго, надежта дека ќе се најде излез е се помала.
- Дали чувствувате дека Белорусија ви продаде лажна надеж?, прашува новинарка.
- Не знам. Чекаме. Не знаеме што ќе се случи, одговори Мохамед Латиф, мигрант.
Најмалку 11 мигранти загинаа во последните недели. Денеска беше погребан 19-годишниот Сириец, кој се удави во реката Буг што ја дели Полска од Белорусија.
- Се надеваше дека ќе продолжи со студиите, со коишто започна во бегалски камп во Јордан. Тој само бараше се што бара еден човекот. Но смртта беше побрза, рече на погребот Касем Шада, локален лекар.
Овој месец имаше повеќе од 5.000 обиди на мигранти да ја преминат границата, за разлика од минатата година кога беа регистрирани само 88, соопшти полската погранична полиција. Полска заедно со соседите Литванија и Летонија се обидува да ги менаџира тензиите во миграцискиот ќор-сокак на граници со Белорусија.
Билјана Ставрова
