Полска предупреди на можна вооружена ескалација на границата со Белорусија, стравувајќи дека соседната земја би можела да предизвика инцидент со неколку илјади мигранти кои се обидуваат да влезат на територијата на Европската Унија. Властите во Варшава распоредија дополнителни трупи на граничните премини, откако мигрантите се обидоа да ја пресечат бодликавата жица на границата.
Полска, Европската Унија и НАТО велат дека Белорусија го оркестрира проблемот, тврдење кое го негира авторитарниот лидер на оваа држава Александар Лукашенко.
Земјите членки на ЕУ и НАТО, Полска, Литванија и Летонија во последните месеци се соочени со зголемување на бројот на мигранти, во најголем дел од Блискиот Исток и Азија, кои се обидуваат незаконски да влезат од територијата на Белорусија.
Активистите за човекови права тврдат дека мигрантите, најголем дел од нив млади мажи но исто така и жени и деца се користат како пиони во политичката игра меѓу Белорусија и нејзините соседи, членки на ЕУ, која воведе остри санкции против режимот на Лукашенко. Портпаролот на Полската влада, Пјотр Мулер, изјави дека околу 4 000 мигранти се собрале на границата со Белорусија.
На организиран начин, режимот на Претседателот Лукашенко организира групи луѓе кои одат кон Полската граница. Веќе гледаме дека има обиди да се пробијат преку границата насилно, но благодарение на постапките на граничната служба, армијата и полицијата на Полска, овие обиди засега беа запрени.
Пољаците тврдат дека мигрантите се раководени од вооружени белоруски единици, кои сакаат да предизвикаат поголем инцидент, по можност со жртви.
Режимот на Лукашенко, озлогласен по тортурата врз домашната демократска опозиција, сега изразува загриженост за човековите права на мигрантите.
Наместо да се обидат да ја разберат ситуацијата која ескалира и да ги повика бранителите на човековите права за консултации, полските безбедносни сили вршат психолошки притисок со употреба на авијација и солзавец. Како одговор на неоправданата употреба на овие методи, дел од мигрантите презедоа порешителна акција и започнаа да ги уништуваат полските бариери.
Лукашенко, бесен заради европските санкции, постојано предупредуваше дека неговата влада нема повеќе да ги запира толпите мигранти, обвинувајќи ги граничарите во соседните земји, членки на ЕУ, дека се насилни кон бегалците.
Европската помош за владата во Варшава денеска побара и Германија, додека НАТО ги обвини белоруските власти дека ја злоупотребуваат маката на мигрантите за свои цели.
Никола Илиевски
