Вести Свет Топ вести

Воен удар во Судан – премиерот однесен на непозната локација

Суданското Министерство за информации во понеделникот соопшти дека привремениот премиер Абдула Хамдок е во домашен притвор и дека е принуден да издаде порака за поддршка на воениот удар.

Веста дојде откако Соединетите Држави изразија тревога поради неодамнешните случувања во Судан- земја во транзиција кон демократија, процес којшто трае повеќе од две години откако поранешниот автократ Омар ал-Башир беше сменет од власт.

Министерството за информации соопшти дека војската уапсила еден цивилен член на Суверениот совет и членови на Владата и ги однела на непозната локација.

Силно вооружени трупи и паравоени сили денеска се распоредени низ главниот град Картум, ограничувајќи го движењето на цивилите.

На видео снимките од оваа северноафриканска земја се гледаат демонстрантите кои го носат државното знаме и палат гуми во различни делови на градот. Има непотврдени извештаи и за престрелки.

Телевизијата Ал Хадат со седиште во Дубаи објави за апсењето на четворица членови на владата, еден член на Суверениот совет, како и неколку партиски лидери и гувернери на суданските области.

Суданската професионална асоцијација (SPA) денеска пред „воениот удар“ повика на генерален штрајк и граѓанска непослушност.

– Ги повикуваме масите да излезат на улиците и да ги окупираат, да ги затворат сите патишта со барикади, да започнеме генерален штрајк и да не соработуваме со пучистите и да употребиме граѓанска непослушност за да се соочиме со нив – се наведува во новното соопштение.

Американскиот специјален пратеник за Африканскиот рог Џефри Фелтман рече дека Вашингтон е „длабоко вознемирен“ од извештаите за военото преземање. Шефот за надворешни работи на Европската унија, Џозеп Борел, на Твитер објави дека со „најголема загриженост“ ги следи настаните во североисточна африканска земја.

Билјана Ставрова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Максим Димитриевски: потврдивме минимум пратеничка група ќе имаме околу 60 илјади гласа

Дејан Дејан

Прва проекција на мандати: ВМРО-ДПМНЕ на 59, ДУИ пред СДСМ

Дејан Дејан

Ковачевски спомена одговорност, но не и оставка: Денешниот резултат е разочарувачки и тежок удар за СДСМ, повикувам на внатрепартиски избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе