Свет Топ вести

Ердоган прогласи 10 странски амбасадори за персона нон грата

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган потврди денеска дека наредил 10 странски амбасадори кои повикаа на ослободување на еден бизнисмен кој е во затвор, да бидат прогласени за персона нон грата.

Во дипломатијата, прогласувањето на странски претставник за персона нон грата најчесто значи дека таа личност повеќе не може да остане во земјата каде е испратен.

Претходно, на 18-ти октомври, амбасадорите на Соединетите американски држави, Канада, Данска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска и Нов Зеланд преку заедничка изјава повикаа на праведно и брзо решавање на случајот на бизнисменот и филантроп Осман Кавала и на негово итно ослободување.

На митингот пред своите симпатизери во градот Ескишехир, опишувајќи ја изјавата на амбасадорите како дрскост, Ердоган додаде и дека на шефот на турската дипломатија му дал инструкции веднаш да ги прогласи странските амбасадори за непосакани личности во државата.

“Се што тие велат е: ”Кавала, Кавала, Кавала, Кавала”. Кавала е турската верзија на Сорос. 10 амбасадори отидоа во Министерството за надворешни работи заради него. Каква е оваа дрскост?” – изјави Ердоган.

Осман Кавала е во затвор веќе 4 години, обвинет дека ги финансирал протестите против власта на Ердоган во 2013-тата година и за поврзаност со неуспешниот обид за државен удар од 2016-тата година.

Европскиот суд за човекови права во 2019-тата година повика на негово ослободување, тврдејќи дека неговото затворање било со цел да биде замолчен и дека не е поткрепено со никакви докази.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европа со нова воздушна одбрана за Украина

Дејан Дејан

Хутите ја нападнаа Саудиска Арабија по четиригодишно примирје

Дејан Дејан

Ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран – Трамп најави блокада на иранскиот сообраќај

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе