Нападот со лак и стрели во норвешкиот град Конгсберг вчера, во кој загинаа пет лица а три други беа повредени, се чини дека е терористички акт, соопшти норвешката безбедносна служба, иако мотивот сѐ уште не е утврден. Напаѓачот е идентификуван како Еспен Андерсен Братен, 37 годишен жител на Данска, кој се преобратил во Ислам, и за кого веќе постоеле сомненија дека бил радикализиран.
Братен синоќа во Конгсберг, користејќи лак и стрела, убил 4 жени и еден маж, на возраст меѓу 50 и 70 години. Тој го започнал нападот во супермаркет, ранувајќи двајца, од кои едниот бил полицаец. Потоа излегол од маркетот и ранил уште една жена.
Откако добиле пријава за вооружен напад, полицијата го пронашла Братен за 6 минути, но тој почнал да стрела кон нив и избегал. На полицијата ѝ биле потребни 30 минути повторно да го пронајде и совлада, и во тие 30 минути тој успеал да убие 5 лица.
Според очевидци, полицијата истрелала неколку предупредувачки куршуми, но се претпоставува дека полицајците кои први одговориле на пријавата не носеле огнено оружје со нив, што е пракса во Норвешка. Оружјата ги чуваат во полициската станица или во возилото.
Синоќешниот напад во Норвешка беше најкрвавиот откако пред нешто повеќе од 10 години, во јули 2011, Андерс Беринг Брејвик уби 77 лица на островот Утоја, повеќето од нив тинејџери.
