Фејсбук, Ватсап и Инстаграм повторно функционираат нормално откако вчера беа недостапни речиси шест часа. Технолошкиот гигант причината за падот на неговите три најкористени платформи ја припиша на „внатрешен технички пропуст“, кој пак предизвикал пад и на многу од интерните средства кои компанијата ги користи во секојдневното функционирање, што пак дополнително ги комплицирало обидите да се пронајде проблемот и брзо да се реши. На Фејсбук му беа потребни речиси шест часа за да ги врати во функција трите платформи кои месечно ги користат нешто повеќе од 3,5 милијарди корисници ширум светот.
Нашите инжењерски тимови утврдија дека конфигурациски промени на основната мрежа, кои го координираат мрежниот сообраќај меѓу нашите центри за податоци, предизвикаа проблеми кои ја прекинаа таа комуникација. Нарушувањето на мрежниот сообраќај имаше каскаден ефект врз начинот на кој нашите центри за податоци комуницираат, што доведе до прекин на нашите услуги, соопшти Фејсбук.
Фејсбук побрза да потенцира дека основната причина за падот е неисправна конфигурација и дека за сега нема докази за компромитирање на личните податоци на корисниците.
Познавачите и екпертите за сајбер безбедност читајќи го соопштението на Фејсбук, забележаа дека компанијата не ја исклучува можноста падот да бил намерно предизвикан. Сепак посочуваат и дека ова е прилично чест проблем кај ваквите компании и најчесто е предизвикан од интерен пропуст.
Никој не е имун. Не постои компанија која е имуна на пад. Затоа овие инжењери постојано треба да прават вакви работи, да ги гледаат падовите на другите компании и да сфатат зошто. Како се случило тоа и што можат да направат за да ги подобрат сопствените процеси, вели Даг Мадори, Директор за интернет анализи во Кентик инк.
Падот на трите најпопуларни платформи беше продолжување на тешкиот период во кој влезе компанијата, откако ден претходно беше објавено интервју на СиБиЕс со свиркач од фејсбук, кој ја обвини компанијата дека отсекогаш го фаворизирала растот пред безбедноста на сопствените корисници. Поранешната вработена во Фејсбук Францис Хауген минатиот месец на Вол Стрит Џурнал му предаде интерни документи, и денеска ќе сведочи пред американскиот Сенат за истражувањето спроведено од Фејсбук за ефектот кој Инстаграм го има врз менталното здравје кај тинејџерите корисници, а кое компанијата одбила да го објави откако се покажало дека многу тинејџери платформата ја доживуваат како токсично место.
Комбинацијата од овие настани го продолжи падот на врадноста на акциите на Фејсбук, кои од почетокот на објавувањето на тајните документи минатиот месец до сега изгубија 15 проценти. Блумберг процени дека ко-основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, вчера за само неколку часа загубил 6 милијарди долари.
Игор Трајков
