Додека европските лидери се подготвуваат да се сретнат со своите колеги од Западен Балкан, можеби ќе посакаат да го прашаат главниот човек на Европската комисија за непристрасно мислење за напорите на регионот во постигнувањето на демократските стандарди. Но можеби и нема да го прашаат.
Политико во текстот насловен „Оливер Вархеји: Критикуваниот европски вратар“ пишува дека унгарскиот еврокомесар за проширување, чија работа е да произведува непристрасни проценки за постигнувањата на сите земји апсиранти, ја фаворизира кандидатурата на Србија и ги ублажува критиките кои се појавуваат за владеењето на правото и почитувањето на човековите права во земјата.
Политико објави интерен документ од порфолиото за проширување на ЕК, во кој Мациеј Поповски, шеф на Генералниот директорат за соседска политика и проширување, пишува дека „Комесарот Вархеји го посочил како приоритет забрзувањето на пристапните преговори со Србија. Иако ова пред сѐ зависи од реформите во Србија, мораме да бидеме подготвени, од европската страна, да продолжиме напред веднаш штом Србија го демонстрира неопходниот напредок“.
Политико исто така тврди дека тимот на Вархеји, лично од него избрани соработници, не се потпира само на Белград да ги забрза реформите. Интерни документи покажуваат дека најблискиот круг соработници на еврокомесарот се обидува да ги разводни, или пак целосно избрише забелешките во официјалните текстови за демократските недостатоци на Србија.
Пристапот на Вархеји кон останатите кандидати за членство од Западниот Балкан и Турција не е во согласност со останатите земји членки, и е сосема спротивен од инструкциите кои ги доби од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен при назначувањето во 2019 година.
Но ставовите на Вархеји се во целосна согласност со неговата влада во Унгарија, пишува Политико. Унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано ги отфрла критиките од европските институции кога станува збор за владеењето на правото и човековите права во неговата земја, но е голем подржувач на пристапувањето на Србија во ЕУ, јужниот сосед на Унгарија, воден од сојузникот на Орбан, Александар Вучиќ. Политико потенцира дека и двајцата лидери се обвинувани за авторитативни тенденции.
Дали напорите на Вархеји ќе бидат од полза за ЕУ аспирациите на Србија, или пак за било која друга земја, е отворено прашање, тврди Политико. Земјите членки ги носат големите одлуки за проширувањето, а како што покажа и нивното натегање за едно обично заедничко соопштение од Самитот со Западен Балкан, постои многу слаб ентузијазам кај нив за проширување на клубот во догледна иднина.
Неговиот пристап ризикува да предизвика штета на кредибилитетот на ЕК кај владите на земјите членки и лидерите на земјите од Западен Балкан, регион од клучна стратешка важност за унијата, и каде земји како Русија, Кина, Турција и заливските држави постојано бараат начини како да го зголемат своето влијание, оценува Политико.
