Стартуваа реформите за наставниците и учениците од прво до петто одделение, но по еден месец фелата тврди дека се уште е рано да дадат оценка. Сметаат дека новиот концепт не е почнат во сите училишта, какошто е предвидено, бидејќи во дел од нив имаат техничка опрема, а во одреден дел се уште се набавува. Од здружението на одделенски наставници кое брои околу 3.000 членови се согласни дека не треба да се противат на реформите, во интерес на учениците.
По еден месец од воведувањето на новиот концепт од прво до петто одееление, се уште е рано да се даде оценка за реформите е ставот на одделенските наставници, кои денеска заедно со универзитетските професори од штипскиот Факултет за образовни науки дебатираа на тема „Училиштето е огледало на општеството“. Македонските учители сметаат дека има голем дел училиштата кои се уште не се технички подготвени за стартот на новите програми, за нив како фела олеснително е што сега надгледните средства не ги носат од дома. Посочуваат дека потребни се големи вложувања во техничката опрема, пред се во руралните училишта.
Според одделенските наставници добро е што за првпат голем број од нив, како практичари биле анагажирани во изготовка на Програмите и учебниците. Учителите и во услови на пандемија се снајдоа да работат, оценија универзитетските професори. По неколку години пауза повторно се враќа и интерсот за професијата учител, годинава на штипскиот Факултет за образовни науки се запишале 110 студенти. Но, според деканката многу е важно да се задржат дипломираните студенти во земјава.
Наставниците се согласни дека не треба да се противат на промените во интерес на учениците, бидејќи според тестирањата на ПИСА заостануваат зад своите врсници од светот и не се способни знаењето да ги применат во пракса.
Викторија Јованова
