Пукотници се слушаат од Чаир до Желино! Не е војна, не е ни престрелка на криминални банди! ДУИ отвара изборни штабови.
Снимката стигнала до политичкиот противник Алијанса-Алтернатива. Заради сите загинати, повредени и исплашени од заскитани куршуми, бараат одговорност од организаторот на настанот. Од МВР велат дека веќе се работи на расчистување на овој случај во Чаир. И премиерот Заев се согласува дека ваквото однесување е недозволиво.
Без да се бројат овие инциденти, Антикорупциската комисија веќе примила пријави за други дваесетина. Меѓу нив, користењето на службени возила за партиски цели. Деновиве, камерите ги забележаа возилата на министрите за надворешни работи и за животна средина во партиското седиште на ДУИ во Скопје. Министерот Насер Нуредини објаснува дека тој не злоупотребува државни фондови, но ќе сноси секаква одговорност.
Нуредини доби поддршка од колегата во Владата, министерот Битиќи.
Поврзувањето на партиското со службеното е речиси секојдневие. Министерката Јагода Шахпаска токму сега излезе на увид во завршите работи на првата градинка во Волково. Друштво и правеше партискиот колега, актуелен градоначалник на Ѓорче Петров и кандидат за уште еден мандат, Александар Наумовски.
Централниот впечаток за предизборната атмосфера сепак го прават големите митинзи. Дали се од СДСМ или од ВМРО ДПМНЕ, сите присутни се однесуваат како едно семејство. Веројатно затоа, не им се потребни маски и дистанца, што секојдневно се препорачува во услови на пандемија.
Соња Николовска
