7248 лица позитивни на Ковид-19 се целосно вакцинирани – со две дози и поминати најмалку 14 дена од примање на втората доза. Во проценти изразено тоа е 22% – што е зголемување, во споредба со претходниот извештај на Министерството за здравство. Ова се податоци за периодот од 6 август до 23 септември. Во тој период, 32.818 лица се тестирани позитивни на Корона. Дополнително, од Здравство информираат дека 20% од сите хоспитализирани лица во овој момент се целосно вакцинирани.
И додека смртноста кај невакцинираните граѓани останува драстично поголема, сепак 14% од починатите биле имунизирани со две дози од анти-Ковид вакцината. За периодот во кој е правен извештајот на територијата на државата починале 1.033 лица, од кои 888 не биле вакцинирани.
За споредба, во извештајот на Министерството за периодот од 6 август до 9 септември, бројот на починати беше 678 лица, од кои 12% вакцинирани, за 2% помалку од 14% од денешниот извештај, и тоа на 1.033 починати. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање во земјава, па дури и со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“ кои не се даваат во земјава и ги има само во странство.
Петар Догов
