Министерот за здравство Венко Филипче поднесе вечерва оставка на својата функција, како што рече, заради морални причини поради страотниот пожар во Ковид центарот во Тетово.
Филипче на прес конференцијата изјави дека последната трагедија во Тетово многу го погодила, жали за загинатите и сочувствува со нивните семејства, додавајќи дека нема зборови што може тоа да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата.
“Почитувани, како лекар и министер имам интегритет, затоа денеска од морални причини понудив пишана оставка до Премиерот Зоран Заев.” – изјави Филипче и им се заблагодари на сите со кои соработувал за време на ковид-пандемијата, вклучувајќи ги и новинарите.
Филипче беше избран за министер на 25-ти декември 2017-та, а после ланските парламентарни избори ја задржи министерската позиција во ресорот здравство. И неговиот татко Илија беше министер во владата на РМ во периодот од 1994-та до 1997-ма.
44-годишниот Венко Филипче е неврохирург, роден е во Скопје каде завршил и Медицински факултет. Доктор на медицински науки од областа на неврохирургија станува во 2015-та.
Покрај тоа што влезе во владата, Филипче политички се активираше и во партиски води, а на последните внатрепартиски избори во СДСМ беше избран за потпретседател на партијата.
Актуелната министерска кариера која во последните 18 месеци му се одвиваше во време на пандемија, ја завршува откако пред два дена изгоре модуларната болница во Тетово, а во трагедијата настрадаа 15 пациенти кои не можеле да избегаат од огнот.
По првичното одбивање да поднесе оставка, денеска како морален чин ја понуди и достави до премиерот Зоран Заев после обраќање до јавноста кое траеше само 92 секунди.
Денеска пред него поради трагедијата во Тетово, оставки поднесоа заменик министерот за здравство Илир Хасани, директорот на тетовскиот клинички центар Флорим Бесими и економскиот директор на тетовскиот клинички центар, Артан Етеми.
