Адвокатите на обвинетите во случајот Јавна соба во воведните обраќања оценија дека за дело детска порнографија нема доволно докази против нивните клиенти туку обвинителството доставило само полициски индиции од втората истрага. Бараа полицијата да ја најде детската жртва која била снимена за време на сексуално малтретирање од возрасен човек, а потоа видеото било споделено и гледано на каналот Јавна соба. Судот не го укина притворот на обвинетите иако првообвинетиот Дарко Костовски бараше домашен притвор за да оди со сопственото двегодишно дете на операција. Но во меѓувреме е откриено уште едно онлајн вознемирување на жени и девојки.
Додека во судница во кривичниот суд се одвиваше второто рочиште за случајот Јавна соба, на интернет просторот на фејсбук се повторуваше слична акција за вознемирување на жени. На фејсбук профил се повикуваа гласачи, не за идни градоначалници, туку за избор на најголема к**ва во секој град во Македонија.
Мажот кој го организира ова гласање остана скриен зад измислено име, но од коалицијата Маргини алармираа за случајот и бараат надлежните да го откријат и казнат поради тоа што отворено промовира сексуално вознемирување и малтретирање на девојки.
Во судницата пак во воведните зборови, адвокатите на обвинетите за Јавна Соба, Дарко Костовски и Михаил Паневски, бараа државата да ја најде малолетната жртва која било сексуално вознемирувана, а видеото било ставено на групата Јавна соба.
Во случаи на детска порнографија мора да има жртва, но и да се најде сторителот, а не полицијата да ги гони и бара оние кои основале канал на социјална мрежа и не ја избришале содржината, рекоа адвокатите во воведните зборови. Иако бараа и замена на притвор со поблага мерка, судот одлучи тие да останат во Шутка каде се повеќе од месеци.

Иако адвокатите тврдат дека нема докази туку само полициски индиции, обвинителството се потпира на вештачењата направени од врабтените во МВР за компјутерска форензика и борба против компјутерски криминал. За делото детска порнографија е предвидена минимална казна од 8 години затвор.
Наредното рочиште е закажано за 16-ти септември.
Но сексуалното вознемирување и онлајн демнење на жени и девојки воопшто не е опфатено во процесот „јавна соба“, па постојано се повторува слични злоупотреби како што покажува и новиот грозен инстаграм конкурс за кој невладините активисти очекуваат акција од полицијата и од обвинителството и казнување на виновникот.
Миомир Серафиновиќ
