Вести Македонија

Од Авганистан во државава ќе бидат преземени 650 граѓани, се утврдуваат деталите за нивниот престој и транспорт

Владата до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Тоа го соопшти владината прес-служба по денешниот координативен состанок што се одржа во Владата во организација на премиерот Зоран Заев со сите вклучени чинители во големата хуманитарна меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан.

На состанокот биле разгледани сите оперативни аспекти во врска со привременото сместувањето на лицата во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.

Премиерот Заев, стои во соопштението, ги информирал присутните дека последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

-Нашата држава и нашето општество имаат и капацитети и начин на организираност и високо изразено чувство за солидарност и сите ние заедно ќе покажеме и пред демократските пријатели од Авганистан, и пред целиот свет и пред себеси дека во ваквите кризни хуманитарни ситуации не постои поинаков одговор освен веднаш да се помогне со сите капацитети на располагање – спасуваме миротворно население кое 20 години ја негуваше демократијата во Авганистан и кои беа помош и поддршка и на нашата Армија во мировните мисии таму, рекол премиерот Заев.

Во лично и во име на Владата изразил огромна благодарност до сите организации и институции кои, наведуваат од Владата, се вклучени во оваа глобална живото-спасувачка мисија во која Северна Македонија се вклучува како предводник заедно со неколку земји од регионот и со своите сојузници од НАТО, a со која се евакуираа сите македонски граѓани од територијата на Авганистан и со која се спасуваат граѓани од локалното население од демократските мисии во земјата.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Фотo+Видео) ДУИ по втор пат на протест во Тетово како знак на револт поради одлуката на Уставен за преименување на десетина улици

Tea Dimkovska

Груевски демантира дека становите на Водно некогаш биле негови – за Заев тврди дека тој не ги чувствува злоделата кои му ги нанел

Tea Dimkovska

Загина градежен работник во општината Гази Баба – паднал од височина додека извршувал градежни активности

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе