Состојбата со пандемијата во Полошко е крајно сериозна. Речиси секојдневно во Тетово и во Гостивар се бележат троцифрени бројки на нови случаи со ковид 19, со што се зголемува потребата од хоспитализации во болниците. Во ковид статистиката се бележат се почесто и смртни случаи.
Како најлош од почетокот на пандемијата, лекарите од тетовската блница го оценуваат вчерашниот ден. 9 лица ја загубија битката со ковид 19, додека хоспитализирани биле нови 18 пациенти во изминатите 24 часа, сметајќи го периодот до 7 часот утрово. Вкупно 124 пациенти се на болничко лекување, додека тројца биле препратени на скопските клиники.
И Гостивар го живее најлошиот период од почетокот на пандемијата. Во тамошната болница починати се 4 лица, а хоспитализирани се 103 пациенти. Лекарите укажуваат дека болничките капацитети се полнат.
Како можен излез од ковид кризата, медицинските лица го посочуваат воведувањето на карантин. Апелираат и на поголема лична одговорност до граѓаните.
Бројките на нови случаи со ковид 19 во полошко секојдневно растат. Само вчера во Гостивар се регистрирани 216 новозаразени, додека во Тетово 122.
Данијела Билбилоска
