Седум македонски државјани кои работеа во Авганистан околу 1:10 часот рано наутро слетаа на скопскиот аеродром со лет од Лондон-Лутон.
Ова се првите вратени македонски државјани кои се затекнаа во Кабул кога главниот град на Авганистан падна во рацете на талибанските сили.
Седумината беа вработени во компанијата „Black Snake Consulting“ која што учествуваше во обезбедување на воената база до аеродромот во Кабул.
-Ни беше допуштено да се вратиме затоа што сме вакцинирани со две дози. Мора да упатам благодарност до нашата воена разузнавачка служба, до АНБ и до МНР и амбасадата во Лондон кои ни помогнаа во тешките моменти и ни го убрзаа патот кон Македонија, ни рече еден од вратените Македонци.
Неколкумина од вратените разговараа со екипата на ТВ Телма на скопскиот аеродром, но не сакаа да даваат изјави пред нашата камера, веднаш по враќањето.

Сите брзаа кон излезот од аеродромскиот терминал затоа што надвор ги чекаа роднините и пријателите за да ги превезат до дома. Во аеродромската зграда од полноќ важат правила како и за другите објекти односно внатре можеа да влезат само оние со сертификати за примена вакцина(без разлика дали станува збор за полнолетни патници или роднини на оние што доаѓаат).
-На крајот беше опасно. Ние таму работевме на скенери, слични како овие што се на аеродромот за проверка на багажот. Последниот викенд стана опасно, но фирмата веднаш не подготви за евакуација според планот за такви ситуации. Првин чекавме на аеродромот, потоа бевме префрлени во Абу Даби, па две вечери поминавме во Лондон. Сега ќе ги сумираме впечатоците па дури тогаш може да размислиме за давање изјави. Најважно е што сите македонци се извлечени и колку што ни е познато, веќе никој нема останато во Кабул. Сите работевме во воената база, но, на други задачи и за различни фирми. Некои останаа во Англија, некои се во Осло, а има луѓе и во Катар, но сите се надвор од Кабул, ни рече еден од евакуираните Македонци.
Останатите 32-ца македонски државјани префрлени во англиски Свиндон ќе останат таму до завршување на карантинот за корона. Седум македонци се во Осло во Норвешка, а 27-мина се во американската воена база во Доха, Катар. По завршување на епидемиолошките мерки во тие држави, останатите ќе се враќаат во Македонија со комерцијални летови.
Иако беше предвидено дека и кога ќе стигнат во Македонија ќе им биде определен карантин од 14 дена, за првата седумчлена група немаше пречек од надлежен за да им определи или не им определи ваква мерка, а тие веќе се комплетно вакцинирани.
