Ковид19 Македонија Најважни

Македонија прва во Европа според прекумерна смртност во време на Ковид-19

Ковид-заразата донесе прекумерна смртност во Македонија за изминатите месеци. Тоа го потврди група научници во научна студија, собирајќи ги официјалните податоци од здравствените институции во светските земји.

Прекумерната смртност во земјава во време на пандемија изнесува 47%, и според тоа Македонија е сместена на прво место во Европа, а петта во светски рамки. Пред нас се само јужноамериканските држави – Перу, Еквадор, Боливија и Мексико.

Од европските и земјите од соседството зад нас е Албанија со 43% прекумерна смртност. Близу е и Косово со 41%.

Нешто помала прекумерна смртност има во Србија со 29% според пресметките на научниците, додека во Хрватска и Словенија таа изнесува под 20%.

Во земјава сега е дуплиран и бројот на новозаразени споредено со претходната недела, а тоа не е добра најава за есента, сметаат дел од докторите. До денес имаме 305 нови случаи регистрирани за неделава, во споредба со двојно помалку од минатата.

„Ако уште во летните месеци имаме вакво покачување на бројот на новозаразени со оваа варијанта на вирусот, тогаш во есенските месеци треба навистина да размислиме каков ќе биде товарот врз болниците и врз здравствените работници кога ќе имаме навистина голем број на хоспитализации. Единствениот начин да се спречи сето тоа, нормално, е да се стави акцент на вакцинацијата и да се извакцинираат што е можно повеќе луѓе затоа што вакцините коишто нѝ се достапни се сè уште високоефикасни и во однос на оваа варијанта“ вели д-р. Злате Мехмедовиќ, супспецијалист пулмолог.

Жешките летни месеци во ниеден случај не се изговор за опуштање и непочитување на основните заштитни мерки, смета доктор Мехмедовиќ. Добар пример нѝ е Индија затоа што таму на екстремно-високи температури се случи и најголемото ширење и пренесување на вирусот.

„Топлината и ултравиолетовото зрачење кај нив дефинитивно немаа никакво надворешно влијание врз пренесувањето на вирусот. Не е изненадување тоа што и кај нас во овие летни месеци веќе се зголемува бројката на дневните случаи на новозаразени. Очекуваме официјални информации дали поголемиот дел од новите случаи се должат на Делта-варијантата“ вели д-р. Мехмедовиќ.

А, додека од здравствените власти се очекуваат официјални информации во врска со мутациите на вирусот кои се присутни кај новите случаи, првиот човек во здравството Филипче констатираше дека трендот на појава на нови варијанти на вирусот нема да сопре и за тоа треба да бидеме свесни.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукна цевка од парно на третиот кат на Токсикологија

Дејан Дејан

Поскапува регистрација на возила, се зголемува цената на задолжителната осигурителна полиса

Дејан Дејан

За изборите има пријавени 6 кандидати со само 18 години, тројца 90-годишници се борат за пратеничко место во третата изборна единица

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе