Казните изречени во денешниот процес се под минимум предвиден со кривичниот законик за делото Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Иако законот предвидува минимални казни од 10 години затвор за вакви кривични дела, судот денеска на 4-ца функционери им пресуди казни меѓу 6 и 6 и пол години затвор (највисока за екс-спикерот Трајко Вељановски).
За обвинителството пресудите се чудни особено што извршителите на делото претходно беа осудени на повисоки затворски казни од 10 години, додека прогласените за организатори се под тој законски минимум.

-Зачудена сум што судот спротивно на законот изрече далеку пониски затворски казни од законски пропишаните, минимум десет години за вакво дело. За споредба, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за полесно кривично дело, за кое е пропишана казна до 10 години затвор доби казна од седум години, направи споредба Гордана Смаќоска, обвинителката од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
На сите осудени, судот им определи мерка домашен притвор со забрана на комуникација со сите освен со членови на семејството со кои живеат осудените.
