Илинденска без број не е адреса на корумпирани министри и директори, а премиерот Заев својот став го толкува како резултат на aнализи кои покажале дека пред се третиот ешалон и службениците во директен контакт со фирмите и граѓаните се легло на корупцијата.
Неговото толкување доаѓа откако Стејт департментот напиша во својот годишен извештај за инвестициската клима дека државата има добри анти-корупциски закони, но тие слабо се применуваат, често се менуваат, а селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од понизок калибар.
Има кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, обвинителството, судството и многу други сектори, посочија американците, кои додаваат и дека има бројни извештаи дека некои функционери остануваат вклучени во коруптивни активности. Премиерот Заев смета дека тоа не се однесува за највисоките носители на власта.
“Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција.Значи таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите. Пронајдена е по анализата. Системски токму тоа значи, пронајдена е во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме ние потпретседател на влада, меѓу другото задолжен за борба против криминалот и корупцијата. 9, 10 месеци се работи на таа тема, со ваков фокус. Институциите кои постојат и досега, анти-корупциската комисија, државниот завод за ревизија, јавното обвинителство, правосудството, може да бидат само помогнати” –вели Заев.
Заев вети дека и овој извештај како и сите други ќе бидат искористени за подобрување на борбата против корупцијата за што е воведена и нова вицепремиерска позиција.
Стејт департментот посочи и дека владата доцни со другата страна во системот на корупција, односно што нема законско решение си стриктна забрана за приватниот сектор да нуди мито како и тоа дека странските се жалат на корупција во јавните набавки.
Пофалби доби антикорупциската комисија, етичкиот кодекс на владата и малиот дел од завршените судски процеси на СЈО за гонење на корумпирани функционери.
Миомир Серафиновиќ
