Македонија Најважни

Четворица борци на ИСИС од Ирак и Сирија и 19 нивни роднини, вчера се вратени во земјава

Четворица терористички борци на ИСИС од Ирак и Сирија вчера доцна во ноќта се вратени во земјава, заедно со нивните семејства. Во групата која ноќеска слетала на скопскиот аеродром, се и  5 жени и 14 деца. Мажите за кои има и докази дека војувале на страната на терористите веднаш се упатени во затвор. Жените и децата одат во 14 дневен карантин. Ако не се докаже дека и тие војувале, ќе се работи на нивна ресоцијализација. Акцијата е спроведена со помош на Американската амбасада. Дел е од обврските на земјава кои произлегуваат од меѓународното право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.

Со американски воен авион тргнале од Сирија. Застанале на Приштинскиот аеродром за да ги истоварат борците на ИСИС од Косово. Под силно полициско обезбедување вчера околу 22,30 часот слетале на Скопскиот аеродром. Тоа била рутата на враќање на македонските терористи во редовите на ИСИС кои се бореле за Исламска држава и нивните фамилии. 4 мажи за кои има докази дека војувале на страната на терористите во Ирак и Сирија –  5 жени и 14 деца – вчера доцна во ноќта пристигнаа во земјава. Мажите повеќе од една година биле заробени таму од припадници на меѓународната коалиција, која се бори против Исламската Држава. Тие веднаш се упатени во затвор.

Влада на РСМ: Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на МВР – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за истите имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд.

Во групата се вкупно 23 македонски државјани. Во полициската станица Пролет која вчера беше под засилено полициско обезбедување борците на ИСИС пристигнаа околу 23 часот. Нашиот снимател мораше да ја исклучи камерата- од безбедносни причини. Меѓу роднините, како што дознаваме има и деца од неколку години, кои се родени и растени на боиштата. Петте жени и 14-те деца одат во двонеделен карантин и ќе се проверува нивната здравствена состојба. Доколу не се обезбедат докази дека и тие војувале за ИСИС ќе се работи на нивна ресоцијализација.

Со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено – правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата- велат од Владата.

Акцијата е спроведена со помош на Американската амбасада. Дел е од обврските на земјава кои произлегуваат од меѓународното право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.

Ова не е прво враќање во земјава на македонски борци на ИСИС. Во август 2018 година се вратени 7 лица, во февруари лани 1  и во март лани во земјава пристигнаа 3 жени.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во кабина на товарно возило најдени 24 пакувања со марихуана – возачот е уапсен на излез од државата

Дејан Дејан

Левица: Постои дискриминација во изборните правила

Tea Dimkovska

Oбвинетиот Качапор кој e обвинет за прегазување на Јорго Ќука денес не се појави на суд

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе