50-тина нови случаи на ковид 19 за само една недела се регистрирани во Тетово и тетовско.
На два пати имаше и по 11 новозаразени на дневно ниво. Бројката на активно болни достигна 65. Поголемот дел се без симптоми или со полесна клиничка слика, додека хоспитализации нема.
Кој сој се шири во регионот, треба да утврди типизацијата на геномот на вирусот, која се уште трае.
Ваквата ситуација се должи на непочитување на мерките, но и поради тоа што се прават повеќе тестови, вели доктор Сузана Субашиќ, од Центарот за јавно здравје Тетово.
Свадбените и семејните прослави го зголемија бројот на инфицирани со Ковид. Познати се два кластери, 8 лица од исто семејство, а вториот од свадба. Препораките треба да се почитуваат за време на свеченостите и при поголеми собири, вели доктор Субашиќ.
Граѓаните велат дека нема дисциплина кај народот. Дел од нив стравуваат од нов бран.
Лекарите апелираат дека освен почитувањето на мерките и протоколите, многу важен е процесот на имунизација на населението.
Министерот Венко Филипче, по зголемувањето на бројките во тетовско, изјави дека засега не се размислува за никави регионални мерки.
Фокусот сега е насочен кон имунизацијата, одсносно инсистираат вакцинацијата да се спроведува и таму каде што има случаи и таму каде што нема ниту еден.
Данијела Билбилоска
