За само еден час околу 30 тина жители на штипската приградска населба Три Чешми се вакцинираа со прва доза против коронавирусот. Иако пунктот во населбата им е на само неколку метри од домовите, пристигнаа дотерани, со маски, а некои и со помош на бастуни. Задоволни се што нема да имаат патни трошоци до Штип, со вакцината какошто велат нема да му се плашат на новиот сој.
Здравствените работници населението го боцкаат со Астра Зенека или Синовак, во зависност од возраст, а во домовите ќе се вакцинираат и оние кои не можат да дојдат до пунктот во селото.
Тимот од лекар, медицински сестри од Здравствениот дом Панче Караѓозов во текот на денот треба да аплицира околу 150 вакцини, а на секој пункт ќе се задржат минимум околу два часа.
Теренската имунизација низ штипско-карбинскиот регион ќе се одвива во наредните десет дена, освен големите села во низинскиот дел, ќе бидат посетени и жителите од јуручкиот етникум на планината Плачковица.
Викторија Јованова
