Македонија

Писмото со барањето од Ватикан да се догради споменик на Мајка Тереза стигнало до Општина Центар и до Министерството за култура

Општина Центар и Министерството за култура го добиле писмото од Министерството за надворешни работи во кое Ватикан бара да се догради споменикот на Мајка Тереза на плоштадот Македонија,  кој Работната група за „ Скопје 2014“, го оцени како дивоградба и препорача да се урне. Во писмото од МНР се бара и предавање на спомен куќата на Мајка Тереза во ингеренции на Католичката црква. Барањата ги упатила Светата Столица до претседателот Пендаровски, при неговата посета на Рим со бугарскиот претседател Радев. Од Општина Центар велат дека ќе одговорат на писмото  дека споменикот не треба да се доградува, туку да биде избришан од ДУП-от Мал Ринг, а од Министерството за култура, како инвеститор на споменик, најавија дека за писмото ќе се произнесат следнава седмица, откако ќе го разгледаат. Писмото од МНР е упатено и до Град Скопје, но од таму велат дека не го добиле сеуште.

Општина Центар го добила целиот материјал за градењето на споменичниот комплекс Мајка Тереза од Министерството за култура, кое е инвеститор на објектот и со забелешки дека е дивоградба, која го спречува движењето на улицата „ Орце Николов“, ќе одговори на писмото од МНР. Во писмото од Ватикан бараат да се догради споменикот и да биде светилиште во родниот град на светицата.

Сметаме дека тоа спомен обележје не треба да биде на тоа место, не поради неговото значење или заради ликот и делото, туку напротив, зашто се наоѓа на сред улица. Ние го побаравме и го добивме целокупниот материјал , поврзан со проектот. Не сме инвеститори или изведувачи за да ги имаме материјалите. Сега ги имаме и ќе дадеме конкретни забелешки зошто сметаме дека таа дозвола треба да се поништи. Тој проект не треба да биде на тоа место бидејќи е на влезот на плоштадот. И мислам дека неко за тоа требаше да понесе одговорност, вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Од Министерството за култура допрва ќе носат одлука за барањето на Светата Столица да се догради споменикот на Мајка Тереза, на плоштадот Македонија.

Го добивме писмото од МНР и сега сме во процес на разгледување и консултации. Потоа ќе ја донесемe одлуката, одговорија од култура.

А, за барањето за предавање на управувањето на спомен куќата на Мајка Тереза на Католичката црква, од ресорот Култура велат дека не е ново и дека го чуле и дома. Од МНР писмото со барањата од Ватикан е испратено и до Град Скопје, но од таму велат дека немаат коментар зашто до сега не го добиле.

Пред 2 години Владата одлучи дека е поефтино недоградениот споменик на Мајка Тереза, да го пренамени, наместо да се руши или дислоцира како што препорача работната група за „ Скопје 2014“. Од групата тогаш рекоа дека Општина Центар е надлежна за уривање и дека не треба да чека став од Министерството за култура. Претходно Владата испрати мислење до Општина Центар, во ревидираниот ДУП-Мал Ринг да се избришат маркичките за споменикот на Мајка Тереза и за Порта Македонија. Но, нејасно кажа дека не бара да се срушат, туку да се усогласи ДУП-от со мислењето на Работната група.

Споменикот на Мајка Тереза почна да го гради во 2015 година власта на чело со Груевски, откако пропадна најавата дека ќе биде донација од индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој заврши во затвор, поради неплатена оштета на инвеститори.Договорот за изградба беше 5, 5 милиони евра.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вечерва извршен одбор во СДСМ-ќе успее ли раководството да се консолидира или ќе се потврдат внатрешните разлики?

Kristina Kuzmanovski

Од 15 ти месецов нови промени на македонските патишта

Kristina Kuzmanovski

Пет лица лишени од слобода, осум насилници ги малтретирале своите жени и деца изминатото деноноќие

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе