Словенија ќе се фокусира на соработката меѓу Унијата и Западен Балкан. Словенечкото претседателство го смета Балканот за многу важен регион за Унијата, а проширувањето за логичен одговор на стратешките цели со кои се соочува ЕУ.
„Ако проширувањето е шеста точка на агендата, никогаш нема да стигнеме до темата. Ако ја подигнеме темата, тогаш ќе можеме да направиме конкретни чекори. Како што спомна ЕК, Северна Македонија и Албанија можат да напредуваат до следниот самит во октомври, ако сите се концентрираме на тоа“, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша
Словенија, од сопствено искуство, знае колку е важна европската преспектива, кога станува збор за спроведување на реформите во пристапните преговори, вели Јанша. Тој пред европратениците зборуваше дека европската иднина на балканските земји мора да биде опиплива и дека без неа нема поттик да се спроведат реформите.
Токму проширувањето ќе биде и тема на самитот ЕУ-Западен Балкан што Словенија како претседавач ќе го организира во октомври.
„Се надевам дека со словенечкото претседателство ќе можеме да ги одобриме пристапните процедури со Албанија и Северна Македонија. Тоа е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување“, рече претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Неисполнетите ветувања за почеток на преговорите со Македонија и Албанија е нешто што го повторуваат европските челници, по двете вета со кои Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за Македонија. Сега, и кај македонските власти се намали оптимизмот за одржување на првата мѓувладина конференција и надежите за напредок се поместија од октомври, за европскиот самит кој треба да се одржи во декември.
Марија Дивитарова
