Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера околу 18 часот и 20 минути, од страна на полициски службеници од Отсекот за потраги при единицата за внатрешни работи Кисела Вода и при единицата за внатрешни работи Чаир, во атарот на Радишани, во близина на клучката кај ова село, било уапсено лицето А.Р, на возраст од 63 години, кој бил во бегство цели 17 години.
За него била распишана Централна потерница за издржување на казна затвор од 12 години за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ казниво по чл.215 од Кривичниот законик.
Тој е предаден во полициска станица за понатамошна постапка, по што ќе биде спроведен во казнено-поправна установа за издржување на затворската казна.
