Матурантите кои следеа онлајн настава годинава, покажаа малку подобри резултати во однос на 2019, кога последен пат беше вршена пресметката на средната оценка. По полагањето на два екстерни предмети по скратени програми, утврдено е дека средниот успех годинава изнесува 3, 61 или 4- ка, во однос на 2019, кога беше 3, 48 или 3-ка. Подобри резултати се постигнати по македонски јазик- 3, 93( во однос на 2019-3, 69), математика- 4,07( во однос на 2019-3, 66), филозофија -4, 23(во однос на 2019- 3, 89) и по германски -4, 56 ( во однос на 2019- 4, 41) и руски јазик-4, 78(во однос на 2019- 4, 07).А, послаби резултати матурантите постигнале по предметите: албански јазик-3, 59 ( во однос на 2019-, 3, 85), турски јазик-3, 57(во однос на 2019-3, 73), естетика-4, 03(во однос на 2019-4, 38), француски јазик-4, 58(во однос на 2019-4, 61) и англиски јазик-2, 82(во однос на 2019-3, 07). Слабиот успех за странските јазици се должи на препишувањето цели или делови од есеите, рекоа од Државниот испитен центар. Тие ги очекуваат официјалните извештаи од оценувачките комисии.
Препишувањето, копирањето на цели текстови од интернет, особено на англиски јазик не е дозволено и тука оценувачите беа строги во оценките, вели Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар.
Незадоволните матуранти имаат рок до среда во 15 часот да поднесат приговори до ДИЦ, а резултатите ќе бидат објавени на 12 јули. Оние матуранти кои повторно нема да ги прифатат резултатите, можат да се пријават по телефон на 13 јули, а следниот ден ќе имаат увид во нив, во присуство на комисиите кои одлучувале по приговорите. За да не се поднесуваат многу неосновани, секој приговор ќе чини по 1500 денари.Но , целта не е да печали ДИЦ, потенцира директорката.
Колку повеќе неосновани приговори стигаат, толку повеќе време и енергија ќе трошиме како ДИЦ, побргу да ги објавиме резултатите по тие приговори, вели директорката Наумовска.
Ученици со единици од екстерните или интерните предмети, оние кои во јунскиот испитен рок биле упатени на поправен испит и не ја завршиле четвртата година од средното образование, ќе ги полагаат двата екстерни испити на 11 и 13 август. За полагање, тие ќе треба повторно да се пријават во училиштата.
Сотир Трајков
