Зголемување на новите случаи на Ковиед-19, меѓу 156 и 266 отсто во изминатите четири дена, во споредба со една седмица претходно е регистрирано во Грција, како што соопшти професорот епидемиолог и член на надлежната комисија во Министерството за здравство Гикас Мајоркинис.
Мајоркинис преку неговиот Фејсбук профил ги анализираше официјалните податоци од четвртокот до неделата, наспроти истиот период минатата седмица, па така вчера имаше 619 нови случаи наспроти 236 пред една недела, односно зголемување за 262 отсто.
-Како можеме да помогнеме во забавување на четвртиот бран што ни е пред вратите?, прашува Мајоркинис и дава решенија: чести превентивни тестирања со селф тест за невакцинираните, избегнување активности каде што има гужва, сè додека не се заврши со процесот на имунизација, како и закажување термин за вакцинација.
Во меѓувреме, комисијата за вакцинација на Грција даде позитивно мислење за доброволна вакцинација на децата од 15 до 17 години со согласност од родител или старател. Според здравствените власти најбезбедно е да се користат вакцините со мРНА технологија, односно Фајзер и Модерна.
