Вести Македонија Топ вести

Ниту еден починат од Ковид-19 првпат по 10 месеци

Нема ниту еден починат ковид-пациент во претходното деноноќие, првпат по 10 месеци, а регистрирани се и само осум новозаразени од 3068 тестирања и девет оздравени.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова е мала победа, која влева надеж, но, апелира да се почитуваат мерките за заштита.

– Првпат по 2 септември 2020, денеска не бележиме ниту еден починат од Ковид-19. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме, изјави вчера Филипче.

Досега во земјата се направени вкупно 834 099 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 536, бројката на оздравени пациенти е 149 628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.

Во Скопје има 189 активни случаи, Куманово – 52, Прилеп – 33, Тетово – 28, Кичево-26. Во осум градови, Кавадарци, Ресен, Берови, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран, нема ниту еден заразен, во три града, Валандово, Македонски Брод и Крушево, само по еден активен случај.

Покрај намалувањето на новозаразени лица, сè е помал бројот и на ковид-пациентите кои се лекуваат во болниците низ државата. На болничко лекување во целата држава се 105 пациенти, од кои 37 се во Скопје.

Во претходното деноноќие од коронавирусот, во Скопје е хоспитализиран само еден пациент – во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“.

Во главниот град, 22 пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника, 14 се лекуваат во ГОБ „8 Септември“ и двајца на Институтот за ТБЦ. Има околу 90 слободни места.

Во ковид-центрите во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 68 пациенти позитивни и сомнителни на КОВИД-19 – во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, во Штип и во Струга по пет, Тетово и Прилеп имаат по тројца пациенти, Велес и Охрид по шест, Куманово 18, Гостивар има осум, Струмица девет, Кичево еден, а во Кавадарци и Гевгелија нема хоспитализирани.

Денеска пристигнува нова количина на вакцините „Фајзер“, а до крајот на неделата, се очекуваат 500.000-те вакцини од „Синовак“. Според најавите на министерот Филипче, со половина милион вакцини од „Синовак“ ќе се вакцинираат околу 450.000 граѓани, пријавени на веб-платформата vakcinacija.mk. Во државата се аплицирани околу 450.000 дози, а ревакцинирани над 180.000 граѓани.

Според податоците на Министерството за здравство, една доза вакцина имаат примено 48 отсто од граѓаните над 70 години, 42 проценти од оние над 65 години и 35 отсто од населението над 60-годишна возраст.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Потврда за завршена вакцинација или негативен ПЦР тест или потврда за прележан Ковид-19, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се задолжителни за влез во Грција.

Во новата одлука што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а стапува во сила денеска во 6 часот наутро, нема никакви промени во однос на претходната, а Северна Македонија и понатаму е една од 23-те трети земји за кои постои исклучок од забраната за влез во Грција.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Новинарите во Србија подлегнуваат на самоцензура поради закани

Дејан Дејан

Како се трошат милиони: Десет од избирачки одбор пребројувале 7 гласови и чекаат втор круг на далечниот исток

Дејан Дејан

МЗ: За случајот со Токсикологија ќе се постапи согласно добивањето на заклучоците од инспекциските надзори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе