Силните врнежи што го зафатија делчевскиот регион предизвикаа помали и поголеми наноси од камења и песок на регионалниот пат А3 во правец од Делчево кон Македонска Каменица.
-Ваквата состојба е најизразена после селото Очипала, додека слична е ситуацијата и на други места во правец Делчево – Баткова чешма – М.Каменица. Апел до сите кои тргнуваат на пат да внимаваат на овој патен правец, предупредуваат возачи кои алармираа за ваквата појава.
Со апел за внимателно возење излегоа и од подружницата на ЈП „Македонија пат” од каде велат дека нивни екипи благовремено реагираат на местата каде се забележани ваквите појави.
Во изминатите девет часа до 17 часот попладне во Штип наврнале осум литри дожд на метар квадратен, пет во Скопје-Зајчев Рид, два во Крива Паланка, еден во Прилеп, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Попладне имаше развој на нестабилна облачност во подрачјето околу Крушево, Македонски Брод и Прилеп, како и во севеористочните делови од земјава, помеѓу Куманово, Крива Паланка и Кратово, претежно во планинските подрачја, проследени со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Подоцна попладнево нестабилно беше и во подрачјето на Штип, Делчево и во делови од Скопската Котлина.
УХМР најавува дека до крајот на денов во северните и источните делови од земјава ќе има локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во текот на ноќта ќе биде променливо облачно на места со врнежи од дожд и ретки грмежи.
Утре ќе биде променливо облачно, уште од претпладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе има услови за локална појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен. УВ индексот ќе изнесува 7
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 25 степени.
