Националниот координатор за стратегиски комуникации во Владата на Северна Македонија, Марјан Забрчанец, преку видео обраќање учествуваше на Тематската дебата на високо ниво на Обединетите нации, за дигитална соработка и поврзување.
Дебатата на членките на ООН се случи во светло на итните потреби за адресирање на дигиталниот јаз и потребата за дигитална соработка и поврзување во светот, со цел адаптација на пандемијата КОВИД-19 и имплементација на стратегиите за излез.
„Да се лаже е срамно. Да се разоткрива лагата е храбро. Дезинформациите денес се најголемиот поткопувач на демократските и на реформските процеси во светот. Пара-вестите имаат цел да ги поткопаат владеењето на правото, политичката стабилност, да создаваат омраза меѓу луѓето и народите, да корумпираат и да влијаат врз новинарите и да ја намалуваат довербата во владите. Тоа е оружје во рацете за регресивните сили и пропагаторите на хомофобија, на антиваксерство, на национализам и на секакви други форми на радикализам. Од политички до верски и идеолошки“, рече Забрчанец.
Националниот координатор Забрчанец се осврна на важноста на борбата со дезинформациите, потребата од будност и за заедничка соработка на сите земји членки на Обединетите нации, како и потребата од споделување искуства, обединување и силно спротивставување кон дезинформаторите кои се закана за демократиите во светот.
