Ковид19 Најважни

Преговорите за начинот на кој приватните болници ќе се вклучат во борбата против Ковид -19 ќе продолжат во недела

Наместо итно отворање на вратите и на приватните болници за сместување на пациенти со ковид, министерот Филипче  ќе чека до недела да падне договор со менаџерите на приватните клиники под кои услови и на кој начин ќе се користат нивните ресурси за време на кризната состојба.

И додека бројот на заразени и починати секојдневно руши рекорди, а државните капацитети се преполни, Филипче денеска се сретна  со сопствениците на „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.

Но прецизни информации од кога, под кои услови и на чиј трошок и за колкав надоместок ќе се користат приватните болнички кревети, доктори и опрема – се уште нема.

„Со оглед на тоа што за прв пат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравстевени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од МЗ и приватните болници.“- соопшти Министерството за здравство.

Со став излезе само клиниката „Жан Митрев“. Ја поддржува иницијативата и се става на располагање за борба со пандемијата. Но предупредува дека сите кревети се полни, а листата на чекање е долга. Од „Систина“ на Орце Камчев пак ќе ја чекаат официјалната понуда од министерот Филипче по што ќе се изјаснат.

„ Нема слободен кревет и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува. Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти, кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети.– вели Жан Митрев.

Иако денеска владините правници требаше да го протолкуваат Законот за управување со кризи, кој за прв пат се применува на територијата на целата држава, сепак останаа многу прашалници за граѓаните.

Дали пациентите кои ќе се лекуваат во приватни болници за време на кризната состојба ќе плаќаат како да добиле услуга во јавноздравствените установи или сепак ќе треба дел од трошоците да покријат од сопствен џеб.

Колкав ќе биде цехот, кој ќе го плати, кој пациент со ковид-19 ќе легне во приватен болнички кревет каде услугата за десетдневен третман достигнува и до 12.000 евра.

Правните експертитепак се категорични –  Владата при утврдување на надоместокот за приватните клиники, да не дозволи тој да биде поголем од тој што го плаќаат граѓаните во државните болници.

И додека кај нас се чека исходот од преговорите, соседите веќе и принудно преземаат болници за да сместат пациенти.

Две приватни болници во Солун комплетно, заедно со персоналот, по наредба на државата во следните 15 дена се на располагање на националното  здравство. Одлуката и наредбата доаѓаат откако не беше постигнат договор меѓу грчкото министерство за здравство и Здружението на приватни клиники. Сега министрите за здравство и за финансии на Грција сами ќе го одредат начинот на кој ќе бидат компензирани приватните клиники.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 14.500 ученици го започнаа полагањето на државната матура – учениците бираат меѓу странски јазик, математика или историја

Дејан Дејан

Акцискиот план за малцинствата станува нова пречка од Бугарија за Македонија

Дејан Дејан

Ќе доцни социјалната помош, од министерството ги замолуваат граѓаните да се стрпат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе