Едно слободно место за седење во автобус е причината за двајца малолетници повредени и третирани во болница.
Синоќа околу 19 часот и 30 минути, автобусот со број 51 кој вози од Транспортниот центар до село Студеничани бил место за пресметка на средношколци кои се враќале од училиште.
Настанала групна тепачка откако се скарале кој да седне на слободното столче. Потоа еден од малолетниците кој доаѓа од село Моране, извадил остар предмет за да нападне малолетник од Студеничани, а се повредил и самиот.
Двајцата расечени по рацете се јавиле на болнички преглед во старата Градска болница. Биле третирани и преврзани – по што едниот бил испратен да се лекува дома.
„Вчера околу 20 часот, на преглед во нашата клиника се јавиле две малолетни лица со повреди односно убодни рани во пределот на шаката. Кај едното лице, по направениот преглед згрижена е повредата, пуштен е на домашно лекување, а вториот пациент по прегледот упатен е на понатамошно лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ на пластична хирургија поради повреда на тетиви коишто во моментов кај нас не може да се згрижат. Малтене, и двајцата се на домашно лекување до овој момент“ изјави д-р. Љубен Арсенков, директор на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.
Настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Во 19 часот и 33 минути било пријавено во полиција дека во автобус е нарушен јавниот ред и мир.
За случајот е известен Јавен обвинител и по документирање на случајот против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок.
„Возилата на ЈСП денес поминуваат, сè е нормално, а вчера токму овде на оваа постојка – автобусот со број 51 стоеше со ширум отворени врати, патниците беа на тротоарот, а полицијата дојде по пријава за нарушен јавен ред и мир.“
Зошто се случуваат вакви работи и од каде целиот тој гнев кај малолетниците па дури и за банални работи како место за седење во автобус, коментираат дел од психолозите.
Психологот Дора Попова Узуновски смета дека одговорите за тоа се кријат во најблиската околина на децата.
„Обично кога имаме деца коишто изразуваат посебна агресија, посебен тип на насилство и физички пресметки, честопати и самите тие доаѓаат од дисфункционални семејства каде што и дома помеѓу самите родители има некоја нефункционална атмосфера. Тие се деца коишто дома имаат жртви на насилство, може жената, но може и мажот да е жртва. Друга причина се разбира дека е околината во којашто расте детето. Многу е важна улогата на врсниците и на друштвото во коешто се наоѓа еден средношколец односно адолесцент“ изјави Дора Попова Узуновски, психолог и психотерапевт.
Таа апелира да се истакне и да се охрабри помошта и емпатијата и избегнувањето на класните разлики.
Така може да се превенира, а кога ќе се случи насилство – треба да има и соодветни казни, коишто сега ги нема.
Оние коишто се жртви на насилство, а и средношколците кои не може да се контролираат – заедно се жртва и на системски пропусти на образованието, смета Дора Попова Узуновски.
Според неа, се занемарува емоционалниот развој на личностите кои допрва учат како да развиваат поврзаност со другите луѓе.
Петар Догов