Вести Македонија

Градежен инвеститор урива куќа во Дебар Маало без да ги праша сопствениците – општината вели дека ги има сите документи за да гради зграда

Речиси сто години стари објекти потклекнуваат под ударот на багерите. Сè побројните нови и модерни згради од високо ги надгледуваат куќите кои брзо ги снемува од мапата во центарот на Скопје.

Локацијата е Дебар Маало, а овде сликата е ваква помалку од една недела. Сопствениците на конкретниот објект кој се урива – ниту биле прашани, ниту пак некој им пристапил за да се договорат, додека се отвора простор за уште една нова зграда.

„Најпрво беше урната една третина од вториот дел на зградата, а тоа е кај прозорецот. Половина прозорец беше урнат. Денес е урнат уште поголем дел, значи речиси цела соба е урната или фактички, половина станбена зграда. Јас поднесов пријава меѓутоа мене инспекторот лично ме извести дека во рамките на неговите компетенции нема никаква надлежност да изрече забрана за вршење на понатамошни градежни работи, нешто коешто јас барав да се донесе како решение за да се сопре изградбата“ – вели Мирослава Николова, ко-сопственик на објектот.

Единствениот правен механизам кој сега им стои на располагање е приватна тужба, смета Николова.

Објектот вака изгледал пред да се урне дел, а сега преку судските инстанци сопствениците ќе бараат да добијат оштета.

Колку изнесува причинетата штета по ударот на багерите, никој не знае. Одговори за сумата ќе се добијат по мерењата и проценките од страна на геодетите.

Локалните власти тврдат дека немаат многу простор за маневрирање затоа што градежниот инвеститор кој впрочем нема поставено никаква табла со информации на парцелата, на нивниот повик се одзвал подготвен со сите документи, потребни за да гради.

Нејасно е како ги имал сите тие, кога не ги исконтактирал сопствениците на куќата на адреса „Антоние Грубишиќ“ број 10.

На 19 август, овластен градежен инспектор, по претходно доставена пријава, направи вонреден инспекциски надзор и на лице место остави покана за увид во документација. По поканата, се јави инвеститорот и на увид достави Правосилно Одобрение за градење од 17 февруари годинава. По службена должност, овластен градежен инспектор констатира дека инвеститорот поседува и Елаборат за отстранување на постоечки објект и поради тоа изготвен е записник од извршен инспекциски надзор, со кој се задолжува инвеститорот да постапува согласно издаденото Одобрение за градење и одобрената техничка документација“ – тврдат од Општина Центар.

Со ваквите постапки се губи изгледот на познатото Дебар Маало и тоа пред нашите очи, смета професорот на архитектонскиот факултет Минас Бакалчев. Ги повика надлежните институции да ревидираат некои одлуки околу градежната дозвола и геометријата на овој објект бидејќи според него очигледно е дека објектот не го собира во парцелата, а има проблеми и со висината.

„Ние самите не се наоѓаме некаде на окупирани палестински територии или во Донбас, туку тука во јадрото на градот Скопје, во Дебар Маало, а сепак оваа куќа се демолира без никакви информации зошто и како. Јас не сум директно засегнат, но сум револтиран граѓанин затоа што случува вакво нешто. За мене ова претставува многу драга куќа, сеедно каква и да ѝ биде судбината меѓутоа таа е во солидна кондиција иако никој не живееше во неа, направена е од полна тула, со бетонски фундаменти и не верувам дека некој од нашите видни инвеститори и градежници сега може да го повтори. Ова е трагично, со ова се рони некој заеднички систем, цивилен систем“ – посочува архитектот Минас Бакалчев.

Сопствениците на оваа куќа сред скопско Дебар Маало сега ќе ги очекуваат проценките на геодетите за да се утврди колку градежниот инвеститор навлегол во нивната парцела, а покрај надомест на штета ќе бараат и враќање на објектот во првобитната состојба.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, кон крајот на денот локална нестабилност – Временска прогноза за 18.5.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе