Додека Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за тоа кој ќе ја предизвика најголемата нуклеарна катастрофа во Европа, жестоките борби околу нуклеарната централа Запорожје во Енерходар продолжуваат. Русите го контролираат Енерходар уште од почетокот на март, додека најблиските украински позиции се само неколку километри подалеку, во градот Никопол од другата страна на Днепар. Изминативе две недели овој регион околу најголемата нуклеарна централа во Европа е сцена на жестоки артилериски напади, што предизвикува загриженост ширум стариот континент.
Агенцијата продолжува да ја следи ситуацијата и потенцијалните импликации врз човековите права во централата. Врз основа на последните информации, прелиминарните проценки на експертите на МААЕ се дека нема непосредна нуклеарна закана поради постојаното гранатирање и другите воени операции. Сепак, тоа може да се смени во секој момент, предупреди генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси.
Иако руската армија ја има контролата над нуклеарната централа, за нејзината оперативност се грижат украински работници, кои за БиБиСи тврдат дека војниците присилно ги држат таму. Обвинија дека русите ја претвориле во нивна воена база, користејќи ја нуклеарката како штит во борбите.
Кажете јасно и гласно дека Русија ќе дозволи веднаш и безусловно мисија на МААЕ, и нема да го попречи патот од 8 километри преку реката. Второ, дека ќе ги деминира објектите во централата. Трето, дека ќе ги повлечете својот воен персонал и своето оружје. Доста е со игрите, повика украинскиот амбасадор во ООН Сергеј Кислица.
За Русија ваквите обвинувања се апсурдни.
Ги повикуваме лидерите на ООН и МААЕ да демонстрираат лидерство и глобална одговорност за многу прецизно и без дипломатски формулации да го прецизираат вистинскиот извор на заканата врз безбедноста на нуклеарната централа Запорожје. А тоа се нападите на украинските вооружени сили, и да им кажат на украинските власти дека овие постапки се неприфатливи, рече рускиот амбасадор во ООН Василиј Небенезја.
Нуклеарната централа стана дел од јужниот фронт, каде руската армија по фокусирањето на освојување на регионот Донбас, води само дефанзивни операции. Но тие се доволни за го забават украинскиот напредок доволно за Киев сѐ уште да не може да го сврти фокусот од враќање на Херсон, а камо ли освојување и на Енерходар. Тоа значи дека нуклеарниот закана за Европа во догледна иднина нема да може да се отфрли.
Игор Трајков
