Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пристигна во Тајпеј, и покрај предупредувањата од официјален Пекинг да не го прави тоа, бидејќи на тој начин сериозно ќе ги загрози односите меѓу Кина и САД. Ова е прва ваква посета на толку висок американски функционер во последните 25 години, а конгресменката порача дека посветеноста на САД за демократски Тајван е поважна од кога било. Администрацијата на претседателот Џо Бајден се огради од можната посета истакнувајќи дека Пелоси не ги потврдила ваквите свои планови. Меѓутоа нејзината посета сепак доби поддршка од нејзините колеги. Сенаторите со став дека не може комунистичката партија на Кина да диктира каде можат да патуваат американските функционери.
Моето гледиште, и мислам дека тоа е гледиште на голем број сенатори е дека сега треба да ги збиеме редовите и да не дозволиме кинеската комунистичка партија да се обидува да предизвика раздор меѓу американските избрани функционери или Белата куќа за тоа дали таа треба да биде таму или не. Таа е таму и ние треба да ги збиеме редовите зад неа, изјави сенаторот Дан Саливан.
Пелоси која е на Азиска турнеја, пред да слета во Тајпеј имаше мала воздржаност. Сепак одлучи да го посети островот што предизвика дополнителен револт кај Кина. За пекинг, ова е грубо кршење на политиката на „Една Кина“ и најавија дека земјата „ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на државниот суверенитет. Поддршка им даде официјална Москва.
Логично, резултат од таквиот неодговорен чекор може да биде прекин на дипломатските односи, Вашингтон ризикува да ја премине точката од која нема враќање со сите последователни последици. Ненајавената посета на претседателот на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси на Тајван ја сметаме како уште една провокативна акција на американската администрација која сака да изврши дополнителен притисок врз Пекинг. Решавање на ситуацијата во Тајванскиот теснец е исклучително внатрешна работа на Кина, нагласи портпаролот на руското МНР, Марија Захарова.
Напнатоста меѓу Кина и Тајван е на раб на кулминација, особено откако пред три години кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека состојбата со Тајван не може вечно да остане статус кво и најави можно воено решение. За Си Џинпинг, „спојувањето“ на Кина и Тајван е неминовно заради исполнување на „кинескиот сон“ за „единствена“ Кина, која до 2049 година би станала најголема светска сила.
Александар Петрески
