Колку ќе се зголеми цената на парното ќе се знае утре, кога РКЕ ќе ја соопшти својата одлука.
Цената на греењето најмногу зависи од гасот, кој во споредба со лани е драстично поскапен. Ако државата не најде начин како да интервенира, зголемувањето реално би требало да биде и до 150 проценти.
Сепак, надлежните уверуваат дека се прави се да се ублажи ценовниот шок.
И за експертската јавност неизбежно е ново поскапување на греењето.
Но сметаат дека одлуката за новата цена, треба да биде реална за да може компанијата која ќе го врши снабдувањето со топлинска енергоија да работи како што треба.
„Се очекуваат промена во нивната трошковна структура и цената ќе треба да се зголемува. Се уште не се знае кој ќе ги снабдува граѓаните, второ цената која ќе се определи мора да биде реална за да и овозможи на компанијата да ги покрива трошоците на производство и да создада одредени позитивни приходи. Мора да се разгледаат и опциите што ќе се користи за греење. Порано топлификација користеше мазут знаеме дека тоа е еколошки неоправдано но во ваква ситуација мора да ги земеме во предвид и сите негативни и позитивни страни“ – вели за Телма, Даниела Мамучевска универзитетски професор.
Тендерот за избор на фирма која треба да го врши снабдувањето од октомрви се уште не е објавен. Не се знае ниту дали и од каде ќе се обезбеди гас или пак топланите ќе работат на мазут.
Министерот Бектеши рече дека повикот ќе се објави деновиве. Рокот за избор на фирма е до крајот на септември.
ЕСМ веќе ги прави подготовките за да може да се јави на тендерот. Првиот човек на државните електрани Ковачевски уверува дека компанијата има капацитет да го преземе работењето на БЕГ која ги изгуби трите лиценци. Првично ќе работат со свој кадар , но ќе земат луѓе и од Балкан Енерџи. Ако има потреба ќе се вработат и нови лица.
Последната корекција на цената на парното беше направена во декември лани и тогаш поскапе за 14 отсто.
Градско парно користат околу 60 илјади домаќинства. Засега нема знаци дека во најскоро време цената на гасот на берзите ќе се стабилизра.
Ирена Чачкова
