Одлуката на Газпром, од утре повторно да ја намали испораката на гас за Европа ги собра на итен состанок министрите за енергетика. Во обид да постигнат договор за тоа како да се преброди зимата, но и од страв дека испораката на рускиот гас може целосно да сопре, договорен е итен план – од 1-ви август да се намали потрошувачката на гас за 15%, и оваа мерка да трае до 31-ви март наредната година.
Поголемиот дел од земјите членки на ЕУ се со различни стартни позиции во денешните разговори, најмногу поради тоа што директно зависат од рускиот гас. Германија предупредува дека Путин игра перфидна игра со гасот, и можно е наскоро и целосно да ја сопре испораката на гас. Инсистира побрзо да се носат итните мерки во време на криза.
Проблем може да се појави, а сите исклучоци предизвикуваат преголема бирократија така што сме премногу бавни во време на криза. Ова е опасност, но исклучоците сами по себе, се разумни и може да се објаснат. Мора да се повлече линија, мислам дека тоа е важен, многу важен следен чекор, смета РОБЕРТ ХАБЕК, МИНИСТЕР ЗА ЕКОНОМИЈА НА ГЕРМАНИЈА
Оправдувањето на Газпром дека ќе ја намали испораката за дополнителни 20% поради ново одржување на турбината, е само обична фарса, смета Европа.
Знаеме дека не постои техничка причина за тоа. Ова е политички мотивиран чекор и за тоа мора да сме подготвени. И затоа нашето превентивно намалување на потрошувачката на гас е мудра стратегија, вели КАДРИ СИМСОН, ЕВРОКОМЕСАР ЗА ЕНЕРГЕТИКА
Иако планот првично наиде на жесток отпор, сепак најавите се дека земјите членки се блиску до договор, а изминативе пет месеци војна докажаа дека Путин не е партнер за верување.
Зимата доаѓа и не знаеме колку ќе биде студена, но знаеме со сигурност дека Путин ќе продолжи да ја игра валканата игра со злоупотреба и уцени за испораката на гас. И за ова мора да ги подготвиме нашите домаќинства и економии, со цел да ги заштитиме, изјави ЈОСЕФ СИКЕЛА, МИНИСТЕР ЗА ИНДУСТРИЈА НА ЧЕШКА
Компромисното решение предвидува и земјите Ирска и Малта, кои немаат врска со гасоводите на унијата да бидат исклучени, а оние кои имаат големи количини складиран гас, би можеле да имаат пониско ниво на ограничување на побарувачката.
Несигурните испораки на гас преку гасоводот Северен ток 1, втор ден по ред ги зголемува цените на природниот гас на европските берзи.
Алиса Шутиноска
