Беа потребни два месеци интензивни дипломатски напори за да се постигне, беше замислен да важи 120 дена, но по вчерашното бомбардирање на пристаништето во Одеса, договорот за продолжување на извозот на украинската пченица преку Црното море, можеше да пропадне уште пред да исплови и првиот товарен брод.
Реакциите за руското бомбардирање на Одеса, само еден ден откако договорот беше потпишан во Истанбул, не престануваат.
Нивната одлука да ја бомбардираат Одеса помалку од 24 часа од договорот, кој беше постигнат за да ѝ помогне не само на Украина, туку и на сите делови од светот на кои очајно им треба таа храна, изјави од Киев Адам Смит, претседателот на Комисијата за одбранбени служби на американскиот Конгрес.
За украинскиот претседател Володимир Зеленски, нападот е само уште еден доказ дека на Русија не може да ѝ се верува дека ќе почитува било што договорено.
Рускиот напад врз Одеса, врз нашето пристаниште, е циничен, и тоа исто така е напад врз самата политичка позиција на Русија. Ако некој во светот сѐ уште може да каже дека е можен некаков дијалог со Русија, дека некаков договор е потребен, видете што се случува, рече зеленски.
Русија, преку портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Захарова, тврди дека мета на нападот не било пристаништето, туку воен брод закотвен таму. Од своја страна, Украина потврди дека било оштетено пловило без да прецизира дали станува збор за воено, или цивилно, но и дека самото пристаниште претрпело минимална штета.
И покрај овој развој на ситуацијата, Турција инсистира дека спроведувањето на договорот продолжува.
Очекувањата на целата светска јавност се имплементацијата да започне што побрзо. Дека веќе има намалување на цените, како што беше изјавено од експертите на почетокот на овие разговори. Дека веќе е одлучено ова да продолжи за да им се олесни на луѓето овде, и на луѓето кои чекаат, во смисла да се справиме со оваа потреба од храна. Заеднички се согласивме во нашите разговори дека ова е многу важно и за човештвото, вели турскиот министер за одбрана Акар.
Од вчера веќе е оперативен заедничкиот центар за координација, и Анкара очекува што побрзо да започне исполнувањето на договореното.
Игор Трајков
