Се си остана по старо. Ни еден час разговор во четири очи не ги премисли ниту премиерот Димитар Ковачевски да каже „не“, ниту лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, да каже „да“ за францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ.
Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ не само што го отфрли предлогот, туку и понуди на владата две опции.
Првата е владата да го отфрли предлогот во замена, а ВМРО-ДПМНЕ возвратно да не бара повеќе предвремени избори и ќе и ги стави сите свои капацитети на располагање за да и помогне во надминување на економската, енергетската и кризата со храна, а на пролет да се седне на маса и да се процени состојбата.
Второто барање е бришење на делови во документите од францускиот предлог.
Формулацијата за македонскиот јазик во преговарачката рамка, на која би се дале две унилатерали изјави од бугарска и македонска страна во записникот, Мицкоски не одговори директно дали му е прифатлива, туку рече дека македонскиот јазик во ЕУ никогаш не бил спорен.
Премиерот Ковачевски пак по средбата со лидерот на опозицијата не одговори прецизно дали нешто од предлозите на Мицкоски се прифатливи за владата и ја повтори решеноста на владата да го прифати францускиот предлог.
За тоа како ќе го пополни јазот до 2/3 мнозинство во собранието за носење уставни измени, доколку се прифати францускиот предлог, без поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски со повик до партиите – да бидат на висина на задачата.
Ковачевски по средбата побара од сите политички чинители сите да се однесуваат одговорно и државнички, а на граѓаните им упати порака дека ја разбира чуствителноста на прашањето и оти е лесно да се отфрли нешто, но дека моментот сега бара рационално размислување и ладна глава.
Мицкоски пак на граѓаните им упати порака што помасовно да излезат на протестите против прифаќање на предлогот и најави можност за други форми на протест, а на власта и порача дека неговите денешни позиции се конечни за кои нема да се пазари.
Тамара Грнчароска
