Францускиот претседател денеска ќе одржи средби со претставници на останатите политички партии, откако неговата коалиција потфрли на изборите и сега им фалат 44 пратеници за да формираат мнозинство. Проблемот е што двете најголеми парламентарни групи левичарската коалиција Нупе и ултрадесничарската Национален фронт жестоко се противат на политиките на владејачката коалиција. Млацинска влада е исклучително ретка појава во француската политика, и јавноста во земјата очекува дека ситуација набрзо ќе заврши со предвремени избори.
„Земја со која ќе биде тешко да се владее можеби една година, бидејќи мислам дека ќе видиме распуштање на Парламентот во следните неколку месеци.“ – вели Жан Бене – пензионер.
Левичарите од Непокорена Франција на Жан Лук Меланшон, поддржани од Социјалистите, Зелените и Комунистите ги отфрлаат главните изборни ветувања на Макрон, намалување на даноците и постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 65 години. Левичарите исто така ја обвинуваат владата дека со своите лоши политики го помогнала растот на крајната десница, а особено затоа што не ги поддржале во вториот круг од парламентарните избори на местата каде нивните кандидати биле изедначени со Националниот фронт. Прстот го вперија во премиерката Елизабет Борн, чија оставка по лошиот резултат на изборите, Макрон веднаш ја одби.
„Премиерката одби да избира помеѓу нас, Нупе и крајната десница во повеќето случаи, а некои од нашите кандидати изгубија за неколку гласови, и тоа е неприфатливо.“ – изјави Артур Делапорт – Пратеник од Социјалистичката партија, дел од Нупе коалицијата.
Средбата со Макрон веќе ја одби лидерот на Нупе, Жан Лук Меланшон, но неговите коалиционери Оливие Фор од Социјалистите и Фабиен Русел од Комунистите ќе разговараат со францускиот претседател. Со Макрон ќе се сретне и Кристијан Жакоб, лидерот на Републиканците, кои засега, според француските аналитичари се посакуваните сојузници, но освен за зголемување на старосната граница за пензија, двете политички сили не се согласуваат за многу друго.
Со Макрон ќе се сретне и Мари ле Пен, лидерката на Националниот фронт, но најмногу што тие можат да понудат е поддршка за одредени реформи за подобрување на животниот стандард, и тоа под услов да бидат прифатени нивните предлози.
Исто така овие две политички групи, кои се наоѓаат на да двата краја на идеолошкиот политички спектар, жестоко се судираат околу секое едно прашање.
Игор Трајков
